Во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој во заедницата“ поддржан од ЕУ, Коалиција СЕГА започна процес на креирање на локални стратегии за млади во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. Проектот ќе поддржи фасилитација на процес за креирање на стратегии за млади во Општините Општините Битола, Гостивар, Кисела Вода и Карпош. Овој процес ќе примени успешни практики и развивање на процес врз база на докази.
Во изминатиот период беше развиена методологија која вклучува алатки за локално истражување на младински трендови како и методологија за фасилитација на целокупниот процес. Методологијата е во согласност со приоритетите на новата Национална стратегија за млади која е во процес на подготовка, во согласност со Законот за младинско учество и младинска политика.
Граѓанскиот сектор заедно со младите, како и членовите на локалните младински совети, ќе го водат процесот на локално ниво со широка вклученост и партиципативност. За таа цел, во периодот 12 – 14 септември 2022 година, во хотел Дрим во Струга се одржа обука за креирање на локални стратегии за млади на која учествуваа претставници на вклучените Општини како и локалните фасилитатори на процесот за сите 4 општини.
Во наредниот период ќе следи истражување и формирање на работни групи на локално ниво за изработка на локалните стратегии за млади. Се очекува стратегиите во сите 4 општини да бидат финализирани и усовени до крајот на 2022 година.